Турците незадоволни како нивната влада се справува со пожарите

Во Турција се изгаснати 152 пожари, а продолжуваат напорите за гаснење на уште 11,, објави министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли. Најмалку осум лица ги загубија животите во пожарите кои избувнаа во 38 провинции од минатата среда.



Според Министерството за земјоделство и шумарство, во акција на гаснење на пожарите се само шест турски авиони. Покрај нив, ангажирани се и 45 хеликоптери.

Но, критичарите укажуваат дека најголемиот дел европски земји со медитеранска клима се подобро опремени, објавува Дојче веле.

Незадоволството е поттикнато и од извештаите за многу технички проблеми во справувањето со кризата на турскиот воздухопловен сојуз ТХК, под чија надлежност се авионите и хеликоптерите за гаснење пожари. Владата, под чија капа е ТХК, како што се вели, го запоставила сојузот и лошо ја одржува опремата.

На социјалните мрежи многу корисници се жалат на турската влада. Во неделата вечерта дел од Твитер-корисниците ја почнаа кампањата #helpturkey. Под овој хаштаг голем број луѓе бараат помош и солидарност од меѓународната заедница.

„Сакаме да ги повикаме сите земји да ни помогнат.“ Како што се вели, меѓународна помош е неопходна затоа што немало доволно авиони за гаснење на пожарите. Кампањата брзо стана вирална, меѓу другото и поради тоа што доби поддршка од познати личности.

Државата најави дека ќе стави на располагање помош за регулирање на штетите од пожарите. Претседателот Ердоган вети 50 милиони лири за провинцијата Анталија, со цел да се покријат „итните потреби во погодените региони“. Со тоа би требало да се компензира пред сѐ штетата во земјоделството и сточарството.

Во меѓувреме Турција доби помош од странство. ЕУ, која со Анкара подолго време има тешки односи, прискокна на помош и испрати три авиони за гаснење пожари. Авиони во погодените региони испратија и Русија, Азарбејџан и Иран.