Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека 2019 година сме ја завршиле со јавен долг од 5,54 милијарди евра, додека во 2020 година долгот се зголемил за дури 942 милиони евра со што достигнал 6,48 милијарди евра.
Оттогаш, и за 6 месеци од оваа година, долгот нараснал за 904 милиони евра. Односно за година и пол долгот нараснал за речиси 2 милијарди евра, пишува Слободен печат.
Во 2023 година треба да се вратат 450 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2016 година, во 2025 стигаат за наплата 500 милиони за еврообврзницата издадена во 2018 година, а во 2026 година треба да се обезбедат 700 милиони евра за издадената еврообврзница во 2020 година.
Во Стратегијата за управување со јавниот долг 2021-2025 година е наведено дека извори на финансирање ќе бидат домашни кредитори, меѓународни финансиски институции, но дека е можно и издавање нова еврообврзница.
Заклучно со 30 јуни, јавниот долг достигна 7,4 милијарди евра, или 64,4 проценти од бруто-домашниот производ, објави Министерството за финансии. Ова значи дека долгот веќе го надмина планираното ниво за до крајот на годината, кое според стратегијата за негово управување објавена од Министерството, на крајот на годината треба да изнесува 63,9 проценти.
Академик Абдулменаф Беџети во својот осврт „Фискалните политики и фискалниот простор во време на глобалната пандемија со посебен осврт врз Република Северна Македонија“ објасни дека оптималното ниво на долгот е 53,42 проценти.






