„Викенд војна“ во населбата Ченто, истрели од сите калибри

Рафална стрелба од автомати и поединечна стрелба од сите видови оружја ги вознемири жителите на скопската населба Ченто каде што вечерва ако се суди според количеството на испукани куршуми се води вистинска војна.



За гостин од другите скопски населби ова е причина за итен телефонски повик во најблиската полициска станица и причина за итна „евакуација“ но за локалните жители само уште еден викенд предвиден за свадби и сунети во кој „мачо“ типови ги ставаат граѓаните во опасност.

Рафалната стрелба која што се случи околу 2130 часот според очевидци била „страшна“ и траела околу 2 минути. Познавачи на огнено оружје тврдат дека освен истрели од „калашњиков“ се пукало и од оружје со поголем калибар.

Најголем дел од граѓаните кои што се уплашени од пукањето кое што предходно во Македонија однесе неколку жртви, се плашат да пријавата во полициските станици.

Причината за стравот е што во пријавата мораат да наведат лични податоци кои што подоцна од полициските записници лесно доаѓаат до тие што ги организираат семејните веселби и оние што пукаат.

Локалните патроли на полициските сообраќајци и алфите најчесто ги слушаат истрелите но ги игнорираат затоа што не сакаат да влегуваат во конфликт со своите претпоставени кои што преку политички контакти успеваат да спречат кривични пријави за тие што поседуваат, носат и неретко пукаат од своето оружје.

Минатата година, само на подрачјето на СВР Тетово регистрирани се 6 случаи на „предизвикување општа опасност“ со неовластено пукање од огнено оружје, од кои 5 на гостиварските и 1 на тетовските простори.Четири од случаите биле на свадбени свечености, организирани претежно во јули и август. Во овие случаи повредени се четири лица, кои завршиле со прострелни рани, а оштетени биле куќа, ограден sид од двор и моторно возило.

Пред две години,пак, во гостиварската населба Фазанерија од заталкан куршум беше погодено во глава и почина 10-годишно дете, кое со другарче седело во непосредна близина на свадбената свеченост. Случајот сеуште не е разрешен.

Во Македонија цивилно лице не смее да поседува автоматско оружје.