Зошто Ахмети во 2001 не ги повикал и Македонците под знамето на УЧК

„Ако го споменевте Крушевското востание на почетокот на војната во 2001 година, колку Албанци ќе и се придружеа на УЧК? Зошто тогаш во не ги повикавте во планина и Македонците и другите? Пред војната вие им ветивте дека кога и да е ќе се остварат соништата и стремежите на Призренската лига.“ – овие прашања му ги упати поранешниот политички функционер, ексминистер за финансии и политички аналитичар Џевдет Хајредини на лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, поради неговата честитка по повод 2 август, Денот на Илинденското востание.



Во колумната под наслов „Неколку зборови и прашања во врска со честитката на Али Ахмети за Илиндитен“, објавена во весникот на албански јазик „Лајм“, Хајредини, во еден непристоен стил подбивајќи се со најсветлиот национален празник на македонскиот народ, пишува: „Неколку прашања во врска со честитката на Али Ахмети за Илиндитен… пардон, Илинден. Ахмети, ако го споменевте Крушевското востание на почетокот на војната во 2001 година, колку Албанци ќе и се придружеа на УЧК? Зошто тогаш не ги повика во планина и Македонците, Власите, Ромите и другите?“

Колумнистот го потсетува челникот на интегративците: „Еден месец пред почетокот на војната вие, Али Ахмети, им ветивте на Албанците дека ќе се остварат соништата и стремежите на Призренската лига кога и да е.“

Инаку, „Призренската лига“ е албанска национална политичка организација. Првата Призренска лига била формирана на Собрание во Призрен во јуни 1878 година.

Тогаш била усвоена политичка програма за создавање „Голема Албанија“. Во проектираната држава требало да влезат Албанија, Епир (Грција),, делови од Македонија (со Дебар, Гостивар, Тетово, Скопје, Куманово), Косово, и Прешево, Нови Пазар и Сјеница. Во септември 1943 година била формирана Втората Призренска лига со истата политичка програма.
Џевдет Хајредини укажува и на нешто друго, што го имал кажано Али Ахмети своевремено: „Не поминало долго време Ахмети кога ни имавте кажано дека кога сте биле млад не сте ги замислувале Албанците од Македонија ниту со Косово, ниту со Македонија, туку само со Албанија.“

„Текстот на вашата честитка ми изгледа, од збор до збор, како дае препишана од честитките, кои комунистичките водачи им ги испраќаат на граѓаните. Од сето она што го направивте заедно со Никола Груевски е тоа што изградивте држава заробена од криминалот и корупцијата, ништо друго.“ – заклучува Џевдет Хајредини во својата колумна во „Лајм“, во која реагира во врска со илинденската честитка, која ја упати вчера Али Ахмети.