Симболична акција пред амбасадата на Албанија во Косово против иницијативата „Отворен Балкан”,одржа денеска невладината организација Движење за демократија (ДД), јави дописникот на МИА од Приштина.
Пред амбасадата беше истакнато пано со слики на Вучиќ со Рама и Зев и со осудениот за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал, Војислав Шешељ, како и прикази на српските злосторства во војната во Косово во 1998-99 година.
Над сликите беше запишана пораката до Рама:
„Ние не сме заборавиле каков геноцид има извршено Србија на чело со (поранешниот српски лидер, Слободан) Милошевиќ и неговиот министер Вучиќ врз цивилното население во Косово!”.
Демонстрантите порачаа и дека иднината на Косово е „кон Европската унија и Соединетите Американски Држави”, а не кон она што го претендираат иницијаторите, а што, според ДД, е еден вид „Нова Југославија”.
Меџид Рамица од ДД изјави дека протестот е насочен против албанскиот премиер Рама и неговата соработка со српскиот претседател Вучиќ, кого го нарече „криминалец”.







