Героски: Го разбирам Пендаровски, но …

Новинарот Бранко Героски го повикува претседателот на државата да се откаже од неговата намера да не одржи говор на денешната прослава на Илинден на Мечкин Камен во Крушево.



„Една обична свадба не може да помине без говор, а камоли настан со вакво значење“, потсетува Героски кој во колумна за „Плусинфо“ порачува дека шефот надржавата мора да има обраќање.

„Разбирам дека Пендаровски сака да ја намали опасноста од непријатни сцени за време на прославата. Особено ако се чувствува обврзан во својот говор да каже Република Северна Македонија, а да го избегне нашето историско име Македонија.

Но, треба да се охрабри и да разбере дека евентуалните свирежи од публиката и скандирањата “Никогаш северна, само Македонија” се цена што вреди да ја плати за да ја изврши својата благородна мисија.

На крајот на краиштата, држел говор или не, тој пак би можел да се соочи со непријатни сцени во Крушево.

Пендаровски демонстрираше личен интегритет и државничко поведение во повеќе прилики.

И затоа мислам дека нема да се налути ако забележиме дека тој сепак не е поголем претседател од Киро Глигоров. А легендарниот Глигоров, да потсетам, доживеа на Мечкин Камен да биде не само исвиркан, туку и исплукан. Ама буквално исплукан. Тој инцидент сепак не ја намали неговата големина.

Освен тоа, говорот за Илинден е уникатна можност Пендаровски да ги употреби и новото службено име на нашата татковина, ама и нејзиното историско име, најмалку во контекст на реферирање на историските настани.

И секако, говорот е извонредна шанса да се спомнат атрибутите на нашата државност (кои не се забранети), како и другите народи кои живеат во нашата татковина, а се спомнати и во прогласот на Крушевската република“..