Приштина лута на Рама: Не се консултирал со Курти за „Отворен Балкан“

Арберт Заими, член на претседателството на владејачкото косовско движење Самоопределување, вели дека Албанија требаше претходно да се консултира со Косово за регионални иницијативи.



„Ако Рама мисли дека е во интерес на регионот и Косово, тогаш зошто претходно не дојде да разговара за тоа со лидерите и премиерот на Косово ? Имал три средби во текот на годината со Вучиќ, додека немаше никаква меѓувладина средба или средба Рама-Курти “, рече Заими, пренесува Reporteri

Според него, Тирана не се занимава со договорите што ги има со Косово за да станат оперативни, туку „поддржува иницијативи во интерес на Србија“.

Заими ја опиша иницијативата „Отворен Балкан“ како „авантура“ и како „уценување на ЕУ за забрзување на европската интеграција“.

Тој оценува дека оваа иницијатива е во економски интерес на Србија и дека доаѓа во време кога Белград има други геостратешки интереси, бидејќи „тесно соработува со Русија и Кина и се противи на НАТО“.

„Рама нема луксуз да раскине со Косово и да ги регулира односите со Србија“, заклучува Заими.