Буковата шума по течението на Длабока Река е впишана на Листата на светско наследство на природата на УНЕСКО на 44. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржа онлајн, а домаќин беше Кина.



Шумата, дел од Националниот парк Маврово е второ природно добро од земјава што се најде на листата на УНЕСКО, по Охридскиот Регион кој е прогласен за мешано наследство, природно и културно.

Шумата кај Длабока Река, лева притока на Рибничка Река, која пак е десна притока на Радика беше на листата на чекање од 2019 година.

Со прогласувањето стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, впишано на листата во 2007 година.

Локалитетот поседува исклучителни природни вредности преставени преку голема биолошка и пределска разновидност. Една од основните карактеристики на овој локалитет е старата (девствена) букова шума (Fagus sylvatica) која се развива во долината на Длабока Река, со безмалку никаква човечка интервенција во последните 100 години.

Локалитетот се одликува со голема биолошка разновидност, со присуство на бројни ендемични растителни и животински видови и се наоѓа во зоната за строга заштита на Националниот парк „Маврово“ и во неа се дозволени само научно-истражувачки активности.