Понудата на германската компанија „Дермалог“ е избрана за најдобра на тендерот за набавка на техничката опрема за спроведување на локалните избори со отпечаток од прст.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски денеска на прес-конференција соопшти дека таа компанија имала најдобра понуда, ги исполнила условите и дека имала најдобри апарати.
„Вчера беше избрана компанија која ќе ја обезбеди техничката опрема за спроведување на изборите со отпечаток на прст. На 1 јули заврши постапката по јавната набавка за биометриска индентификација на гласачите со отпечатоци од прст и се пријавија четири компании. Евалуацијата на компаниите заврши вчера и по завршување на постапката Комисијата за јавни набавки ми предложи една компанија за која донесов одлука да биде избрана“, информираше Даштевски.
Одлуката, како што кажа, е ставена на веб-страната на Бирото за јавни набавки а сега е во тек десетдневниот рок за жалба.
Даштевски појасни дека врз основа на тоа што го видел од извештајот на Комисијата, таа компанија ги исполнила условите, имала најдобра понуда, и најдобри апарати.







