Со мирен протест и непропуштање на камионите и механизацијата на ЈП „Комуналец“ жителите на селата околу превојот Буково, денес го изразија својот револт поради горењето на депонијата. Побараа надлежните итно да преземат мерки, а во спротивно се заканија со блокади на патот Охрид-Ресен.
„Десет дена депонијата гори, чади, ги труе жителите кои живеат во околината, но никој ништо не презема. Бараме итно да се запре спалувањето на депонијата“, велат револтираните жители.
Жителите од околните села стравуваат за нивното здравје оти, како што велат загадениот воздух предизвикувал малигни заболувања на белите дробови, а имало и починати.
„Ваква загаденост не е видена, не се дише, ова е неподносливо. Има многу заболени“, вели жител на село Крушје, Ресенско.
Учесниците на протестот додаваат дека е недозволиво вакво подрачје кое е богато со флора и фауна да се уништува поради негрижата на надлежните. Стравуваат дека и водата за пиење е загадена.
„Подземните води од овој дел одат кон Охридското и Преспанското езеро, не знаеме каква вода пиеме“, се жалат тие.
Иако рокот кој го даде УНЕСКО за затворање на депонијата Буково беше до крајот на 2020 година досега ниту државата ниту општините во охридскиот регион не изнајдоа решение за изградба на регионална депонија која е потребна како за зачувување на статусот на единственото заштитено светско природно и културно наследство во земјата така и за подобрување на квалитетот на живот и заштита на животната средина.
Целиот текст прочитајте го тука.





