Светската здравствена организација апелираше на поправична распределба на анти -ковид вакцините.
„Земјите кои нарачуваат вакцини да дадат трета доза на веќе вакцинираната популација не треба да го прават тоа се додека имаме земји во кои граѓаните не ја примиле ниту првата доза на вакцината, апелира Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.
Тој предупреди дека смртноста од КОВИД-19 повторно се зголемува, дека делтата варијанта на коронавирусот станува доминантна и дека многу земји сè уште не добиле доволно дози на вакцини за да ги заштитат своите здравствени работници, пренесува Ројтерс.
„Глобалниот јаз во снабдувањето со вакцини е исклучително голем, снабдувањето е нерамномерно и нефер. Некои земји и региони нарачуваат милиони вакцини за да ја дадат третата доза, додека некои земји не успеаја да ги вакцинираат ниту своите здравствени работници ниту најранливите групи“, предупреди Тедрос.
Тој ги спомена компаниите Фајзер и Модерна како оние чија цел е да продаваат вакцини за дополнителни, трети дози во земјите каде што веќе се вакцинирани голем број граѓани.
Тедрос истакна дека, наместо тоа, овие компании треба да ги пренасочуваат вакцините кон програмата Ковакс на СЗО, која (бесплатно) доставува вакцини во посиромашните земји.





