Здружението на граѓани „Ековита” од Неготино се противи на изградба на фабрика за обработка на отпад во близина на општината, откако премиерот Зоран Заев ги убедуваше дека се работи за еколошка инвестиција:
„Ќе се запре загадувањето кое произлегува од палењето на земјоделските отпад на отворено. Конечно, како во напредните европски земји ќе се создават капацитети за трансформација на отпадот во обновлива енергија и суровини. Инвестиција ќе го потикне економскиот развој со отварање на нови работни места, ангажирање на голем број локални компании и со оваа инвестиција ќе се зголеми можноста за намалување на користењето на фосилни горива“ – рече Заев.
Проектот, како што наведе Заев, е поддржан од Грин инвестмент од Луксембург и имаат намера да биде изведен на најтранспарентен начин.
Проценетата вредност на капиталот што ќе се инвестира од страна на Стратешкиот инвеститор изнесува 336, 6 милиони евра.
Но, претседателот на Здружението на граѓани, „Ековита” од Неготино, Сашко Тодоров рече дека се против најавената стратешка инвестиција. Можеби ќе ве интересира
„Не сакаме т.н зелена гасна централа која ќе согорува комунален отпад, на неготинци не им треба таква енергија од отпад, вака се изјаснија и тие што ги анкетиравме во градот и две села“, истакна Тодоров.
Тој рече дека според информациите со кои располагаат, од најавената инвестиција во Дуброво за горење на комуналниот отпад, се очекувало да се собираат и третираат помеѓу 700.000 и 1 милион тони годишно отпад, во срцето на Тиквешијата.
Тој нагласи дека, има голем проблем тука, од податоците на Заводот за статистика за 2020 година, од пет плански региони или 48 општини, се собира само 334. 404 тони комунален отпад, или во цела Македонија се собира вкупно 630. 096 тони отпад. Постои опасност, инвеститорот за да ги задоволи своите потреби на централата, милион тони годишно отпад, да увезува отпад и тоа ќе го чини многу поевтино отколку да го собира и селектира од Македонија.
– Градот на грозјето ќе биде град на отпадот – рече претседателот на „Ековита”.







