Тим од Детската клиника денеска замина во Гевгелија каде заедно со тамошните лекари во Општата болница ќе испитуваат од каква респираторна инфекција заболеле 50 – тина деца и бебиња во овој град.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека тестовите за ковид-19 кај децата биле негативни.
Исто така рече и дека нема пријавени вакви случаи во други градови.
Министерството за здравство вчера објави дека вкупно 50 деца и бебиња од Гевгелија во изминатиов месец побарале лекарска помош во локалната општа болница, со симптоми на респираторната инфекција не се типични за овој период од годината – односно самите инфекции кои се појавиле сега во топлиот период, се карактеристични за есен и зима.
Порталот „СДК“ ја пренесе изјавата на директорот на болницата Митко Крџев, кој вели дека „се работи за вирусна или за бактериска инфекција на горните респираторни патишта кои набргу поминуваат во инфекција на долните респираторни патишта, со чести компликации на бронхопневманија“.







