Играниот филм „Трето полувреме“ на македонскиот режисер Дарко Митревски бил инспирација за снимањето на бугарскиот документарец „Последно полувреме“, „за луѓето да ја разберат вистината“.



„Вистината е многу поинаква од тоа што е покажано во тој филм ‘Трето полувреме’ – високобуџетен, со учество на Владата на РСМ. Се разбира, таму има и српско учество. Не знам што прават Чесите во тој филм, но тие сигурно отишле таму за пари. Тоа е одвратен производ, кој е типичен пример за современите интерпретации на историјата, кои треба да поттикнат омраза на брат против брат. Во тој филм, со намера да се покажува и на разни фестивали низ светот, да формира јавно мислење, нема ниту еден вистински елемент“, вели Димитар Недјалков, полковник од резервниот состав на бугарската армија и професор на Воената академија „Георги Раковски“, за Радио Фокус.

„Ако тие луѓе разберат што всушност се случило во Македонија, како е всадувано сето тоа, со колку крв… Таму имаат Музеј на холокаустот за депортацијата на 7.300 Евреи, но немаат музеј на холокаустот на Бугарите, бидејќи таму се убиени, депортирани и затворени во концентрациони кампови, преобратени се судбините на над 300.000 Бугари. Зборувам само за настаните по 1945 година – над 300.000 Бугари, од кои меѓу 20.000 и 30.000 се убиени. Кој ќе се кажел дека е Бугарин во Вардарска Македонија, автоматски, по силата на Титовите закони, бил означуван како бандит и ставан за отстрел. Сето ова тие луѓе не го знаат. И всушност една од целите, иако бевме доста деликатни во документарниот филм ‘Последно полувреме’, е да им ја кажеме вистината на луѓето“, порача Недјалков.