Филипче: Нема враќање на рестриктивните мерки – засега

Во интервју за „Гласот на Америка“ министерот за здравство, Венко Филипче е категоричен дека засега нема враќање на рестриктивните мерки против ширењето на коронавирусот.



„За сега нема да има враќање на рестриктивните мерки. Гледаме што се сучува во другите држави. Во Австралија на пример и покрај тоа што има рестрикција во одредени градови, има огромен пораст на ново дијагностицирани случаи. Ја пратиме ситуацијата. Доколку треба, сигурно нешто ќе препорачаме, но засега сметам дека не треба“.

Филипче вели дека она што сега го имаме како мерки и препораки за собири на отворено, собири на затворено, задолжително носење на маски во затворен простор, посебно сега кога во летните месеци, луѓето се повеќе надвор се сосема доволно.

„Со акцент на тоа што повеќе граѓани треба да се вакцинираат, зошто, поради тоа што каква и да биде мутацијата на вирусот и во следниот период и во есенските месеци, доколку имаме доволен процент на вакцинирано население, нема да имаме проблем со затрупани болници и голем број на пациенти. Можно е да се заразат и граѓани кои се вакцинирани, меѓутоа сигурно дека формата на болеста нема да биде тешка“, вели Филипчењ за Гласот на Америка

Според него, „доколку имаме голем број на вакцинирани граѓани и опфат со вакцина од 70-80 отсто, ние од сега па натаму ќе живееме нормално. Затоа ништо не треба да не плаши, ако сме вакцинирани во сосем доволен број за да постигнеме колективен имунитет“…