Коалицијата меѓу ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов и СДС води со помалку од еден процент поддршка повеќе во однос на „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, покажува заедничката анкета на БТВ и на агенцијата Маркет линкс.
Во пресрет на парламентарните избори закажани за 11 април партијата на Борисов со СДС заедно имаат 19,7 проценти, а „Има таков народ“ 18,8 отсто.
Трета во истражувањето на јавното мислење спроведено од 18 до 25 јуни е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 16,9 проценти, четврта Демократска Бугарија со 12,5 отсто, петта ДПС со 9,5 отсто и шеста „Исправи се! Крадците надвор!“ со 5,4 отсто.
ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, заедно со Волја и НСФБ во коалицијата „Бугарски патриоти“, и овојпат нема да го поминат изборниот праг од 4 проценти, имајќи поддршка од само 2,9 отсто, покажува анкетата за изборите на кои се очекува доста висока излезеност од 58 отсто.
На изборите одржани на 4 април ГЕРБ-СДС добија 25,8 проценти од гласовите, „Има таков народ“ 17,4 отсто, БСП 14,79 отсто, ДПС 10,36 отсто, Демократска Бугарија 9,31 отсто и „Исправи се! Крадците надвор“ 4,65 отсто.






