„Албанските лидери Еди Рама, Албин Курти и Али Ахмети како моментно апсолутни лидери на албанската политичка сцена на Балканот на нивната заедничка средба на Форумиот во Преспа беше многу природно да се сретнат и не само од куртоазија, туку и заради ‘идниот Албански Комонвелт’ и да ги скицираат линиите на заедничкото економско, културно и дипломатско патување во духот на евроатлантските интеграции“ – пишува Емин Аземи, долгогодишниот новинар на албански јазик, публицист и книжевник, во својата колумна под наслов „Рама, Курти и Ахмети – апсолутни владетели на албанската политика на Балканот“, која ја објавува информативната агенција ИНА, но и други медиуми на албански јазик.
Инаку, Комонвелтот е денес лабава политичка заедница на држави, сите под формална управа на Елизабета Втора, кралицата на Велика Британија.
Аземи вели дека „Форумот на Преспа имаше за цел да пренесе евроинтегративни пораки’, но, албанските лидери отаде тие пораки го прочитаа моментот за да се надминат себеси во полза на општото добро“ и тој дополнува: „Еди Рама, Албин Курти и Али Ахмети моментно се апсолутни владетели на албанската политичка сцена на Балканот и е многу природно не само поради куртоазија, туку и заради ‘идниот Албански Комонвелт’ да се сретнат и да ги скицираат линиите на заедничкото економско, културно, дипломатско патување, и секако во духот на евроатлантските интеграции.“
Авторот на колумната натаму истакнува: „Косово се наоѓа наспроти Србија во дијалогот во Брисел и тоа би било посилно, ако албанските лидери на Балканот покажат плебисцитарна волја за да помогнат во овој процес преку заеднички лобирачки и дипломатски активности во главните центри во светот. Албанците се единствениот фактор на Балканот, кој создава геополитичка рамнотежа, спротивставувајќи им се на аспирациите на Русите и Србите за доминација во нивните антизападни политики.“
Аземи смета дека Албанците задобиваат позначајна димензија во геополитичкото реконфигурирање на Западниот Балкан“: „Со Албанците од Европа и Америка меѓусебно заедно наредени Западниот Балкан задобива позначајна димензија во своето геополитичко реконфигурирање, додека самите Албанците го добиваат своето место што го заслужуваат – во големото европско семејство.“
Фотографијата на која се снимени при заедничката средба Рама, Курти и Ахмети авторот на колумната во нејзиниот заклучок ја толкува на следниот начин: „Фотографијата сама по себе содржи порака, лајтмотивот кој ја проткајува оваа фотографија е потребата да бидеме заедно, дури и кога доаѓаме од различнио политички и идеолошки ровови, да бидеме отаде инаетите и егоизмите…Нека биде оваа фотографија од Охрид еден мотив повеќе за усогласување на ставовите во иднина.“
Извор: https://ina-online.net/rama-kurti-dhe-ahmeti-zotrues-absolut-te-politikes-ne-ballkan/
Според опозициската Алијанса за Албанците на средбата меѓу Рама, Курти и Ахмети на Преспа Дијалог Форумот во Охрид, ДУИ и Ахмети злоупотребиле пари на граѓаните и направиле политичка самопромоција на настан од пошироко значење.
Алијансата на Албанците во своето соопштение критикувајќи дека „Одржувањето на Форумот во Преспа претставувало и злоупотреба на институциите заради партиска промоција на ДУИ“.
„Алијансата за Албанците јавно прашува: во кое својство Али Ахмети учествуваше на овој форум организиран со пари на граѓаните? На Форумот на Преспа во Охрид Бујар Османи од позицијата министер за надворешни работи премина во целосна промоција на неговата партија ДУИ и на нејзиниот лидер, што претставуваше класична злоупотреба на меѓународните гости во име на партијата и на Али Ахмети“, се вели во соопштението.






