Јавноста останува поделена по партиски и етнички линии околу тоа дали владата на Зоран Заев во стоте дена влада успеа да демонстрира нов „живот“ за Македонија или ветеното, уште и пред да добие „амин“ од претседателот Ѓорге Иванов во февруари, останува за некои идни времиња.
Да сумираме и без амбиции да анализираме: Укинувањето на екстерното (кое поткрена лавина од пленуми) оди на позитивното конто на новата влада. Како, впрочем, и најавата (нема бегање) за враќање на евтината тарифа за попладневна струја, најавата за укинување на таксата на МРТВ, зголемувањето на пензиите, повисоката најниска плата, дупло поефтини цени за катастарски услуги, 16-те двојазични табли во Клиничкиот центар и конечно, укинување на привилегиите за многу функционери во транспортна и секоја друга смисла, најавата за „чистка“ на администрацијата од легачи, но, која нема да ги опфати „рамковните“ заради коалициониот мир…
Од друга страна, кадровската политика во која видовме и повлекување на „избраните“ (Зиков, Лешовски, Обрадовиќ), па и последната најава на Таравари дека повеќе го милува Гостивар отколку неговата професионална сфера, оставаат горчина дека власта не е кадра да именува кадарни кадри иако уште пред две и пол години, тогаш како опозиција, најави амбиции за владеење.
Врв на министерскиот аматеризам се и Стратегијата за бегалците на Царовска која ја возбуди јавноста до ниво да се одговори со референдум(!?), обвинувањата, без презумпција на невност на еден Рашковски за „криминалните“ вработувања, чудните и нејасни задолжувања или исплата на заостанати кредити за кој зборува министерот за финансиии, отворениот фронт кон странските инвеститори, податокот на министерот Анѓушев дека само 18 отсто население во Македонија има – канализација.
На надворешен план, а тука владата ги доби сите комплименти однадвор, ќе треба времето да ги евалуира Договорот за добрососедство со Бугарија кој предвидува и ревидирање на историските читанки, телефонското затворање на разузнувачкиот скандал со Србија, неизјаснувањето на власта за „Тиранската платформа“ за која се велеше дека е измисица на минатата власт и на нејзините послушници.
На дипломатски план, голем прашалник останува прашањето дали навистина до декември или до јануари ќе дојде Нимиц со нов план за името и колку шармерскиот настап на Димитров успеа да го омекне Гркот Коѕиас особено по најавите од нашата влада дека било какво решение ќе мора да добие референдумски „амин“ од граѓаните на пролет.
По стоте дена влада, нејасен е и опстанокот на коалицијата на СДСМ и албанските партии кои меѓу себе функционираат како „рогови во вреќа“, но се обединети околу нивната кауза.
Дали ќе има предвремени избори, откако ќе биде измерен пулсот на јавноста на локалните избори ќе знае за нешто повеќе од 45 дена. А и по овој рок ќе остане да виси прашањето дали целта на сегашното парламетарено мнозинство и на „селотејп“ владата во која нема многу заедничко врзивно ткиво, била само уровање на минатата власт без конкретни спроведиливи идеи како да се подобри животот на граѓаните.





