Уставна тужба е мечот кој ќе го пресече македонскиот “Гордиев јазол” – пишува Тони Менкиноски

Почитувани читатели, оваа колумна сакам да ја посветам на еден човек, Македонец, кој денес почина, и никогаш не го запознав и беше една од многуте жртви на „транзициската правда“ за жал! А за среќа јас ја познавав неговата мајка, мојата најсакана учителка, која ме научи да пишувам, да читам, да бројам и да го сакам животот, достоинствено да трпам порази и победи и да ги почитувам и помагам луѓето во добро и зло. Безрезервна хуманистка која образувала многу генерации, а можеме само да претпоставиме колку доблесно го имала воспитано својот син!



„Транзициската правда“ однесе многу животи, уништи многу семејства и генерации, ја компромитираше надежта и верата во правдата. Креативноста се замени со деструктивност, одговорноста со бессовесност, доброто со зло. Се ова стана нормално секојдневие, а самото по себе е олицетворение на лудило! И во тој систем каде државата требаше да заштитува и да дели правда како би ја кренала вербата на своите граѓани во неа, ние триесет години имаме реверзибилен процес на неправда или претпоставена правда, години на сомнеж.

Се поставуваат многу прашања од тоа дали ние свесно ја губиме државата и таа исчезнува, дали ова е намерно наше самоуништување и нема назад, дали судството навистина суди во „името на народот“, дали народот ја чувствува правдата за своја или туѓа, дали се гонат праведните или се штитат неправедните, дали сме господари на оваа земја или нејзини робови. Се борат ли Македонците за своите правдини?!
Како да го решиме проблемот со враќање на вербата во Македонското правосудство?!

Какви реални и ефективни, а не теоретски и илузорни системи на контрола треба да воспоставиме за заштита на основните слободи и права на Македонците во својата држава?! Кој правен лек треба да го примениме за да биде ефективен и делотворен и да ги ослободи Македонците од секакви сомнежи на кредибилитет на правдата?! Како да им овозможиме на судиите слободно да си ја работата својата работа бес политички притисок?! Како да ги одвоиме чесните од нечесните?!

Уставната тужба треба да биде мечот кој ќе го расече македонскиот гордиев (читај правосуден) јазол. Да таа треба да ги комплементира сите предности и недостатоци на постапките кои се водат кај нас. Ќе се обидам да интерпретирам со битов речник, а притоа да не се служам со суровиот правнички вокабулар.

Кога една судска постапка ќе се заврши, кога ќе се донесе одлука од Македонските редовни судови ( граѓански, кривичен или управен) која е конечна или правосилна, и сите редовни правни лекови се исцрпени, и кога се нема право на жалба до ниту една инстанца или суд , учесниците во овие постапки имаат право да поднесат Уставна тужба пред Уставниот суд.

Уставниот суд има обврска да ја испитува Уставната тужба како од аспект на примената на домашното право така и од аспект на примената на Европската конвенција за заштита на човековите права. Контролата од страна на Уставниот Суд на процесот кој се водел во Македонија треба да е последна инстанца, после која може да се поднесе Апликација пред Европскиот суд за човекови права при Совет на Европа.

Уставниот суд треба да утврди дали постапката која се водела во Македонија е легална и легитимна и дали се применети сите стандарди и гаранции при изрекување на правдата. Доколку Уставниот суд утврди дека постапката била арбитрерна или се повредени одредени права и слободи на учесник на постапката, може предметот да го укине и врати на повторно одлучување и испитување пред редовните судови пред кои се водела постапката. Уставниот суд може и да ја одбие Уставната тужба доколку процесот кој се водел во Македонија бил согласно со позитивните Македонски прописи и Европската конвенција за заштита на основните слободи и права како и праксата на судот во Стразбур.

После одлуката на Уставниот суд , која треба да биде брза и навремена, граѓаните имаат право да Аплицирааат/Жалат пред Европскиот суд за човекови права.

Покрај контролата, Уставната тужба треба да воведе и одговорност на судиите! Имено доколку Уставниот суд утврди повреда на постапката , судијата кој ја сторил треба облигаторно да биде разрешен од функцијата судија. Доколку Европскиот суд за човекови права утврди дека Уставниот суд поточно уставниот судија кој работел на предметот пропуштил да утврди повреда на права по поднесената уставна тужба , тогаш следи облигаторно разрешување на Уставниот судија.

Имплементирање на систем на контрола и одговорност во македонското правосудството не е научна фантастика, само е прашање на волја за стопирање на оваа „ транзициска правда“ која носи само агонија. Процесите на „ Ветинг“, „Метла“ „ Лустрации“ и така натака се навредливи и за самите судии кои по редот на нештата треба да уживаат висок кредибилитет во едно општество. Нивното разрешување треба да следи само ако повредиле нечии права и слободи.

Точно е дека се потребни уставни измени за воспоставување на ваков систем но Македонија има доволно стручен кадар кој може да изврши ваква реорганизација на системот.
Доколку ваквиот систем профункционира , ќе профункционира и системот на издвоено судско мислење, политичкото влијание ќе се минимализира со еден збор ќе завладее правото.

П.С. За оние кои се навикнати да живеат во овој хаос само да им порачам дека Уставната тужба е дел од многу Европски држави, и доколку се договорат политичките партии ова може да биде ревизорски процес на многу предмети од минатото.