
Скандалозен крај на случајот за организирање на 27-ми април е можна најава за крајот на кариерата на крупни “ѕверки” во јавното обвинителство.
Променето обвинение со суштински измени во споредба со обвинението по кое започна судењето пред 1,5 година, а луѓе беа притворени уште пред 2,5 години – тоа е епилогот од денешното рочиште за 27-ми април, на кое обвинителството презентираше нов обвинителен акт и ги даде своите завршни зборови.
Не се технички, туку суштински измените на обвинителниот акт и во „новото“ обвиненије, ги нема дејствијата за кои Рускоска ги товареше обвинетите досега.
„Не е прецизирање, туку изменет обвинителен акт. Ова е пораз на истрагата на овинителството и сето она што го правеле до почетокот на главната расправа. Одбраната со своите докази успеа да докаже дека оние дејствија коишто им ги ставаа на товар дека го сториле ова кривично дело паднаа во вода. Сите тие пропаднаа и затоа сега обвинителството оди со сосема нови дејствија во однос на кои одбраната досега ниту се произнела, ниту во тој дел понудила свои докаиз. Затоа сметам дека ова, до овој момент, е триумф на одбраната со тоа што она што се тврдеше дека е сторено, веќе не постои во обвинителниот акт. Сега имаме сосема нови дејствија – организирање на протести… Дејствијата ако беа досега дека ги организирале партиските структури Миле и Спиро, сега се дека организирале пратеници. Кој пратеник и на кој начин го организирале?!“, прашува адвокатот Еленко Миланов.
Тој додава и дека во делот на обвинувањата за насилство и организација на насилство во Собранието, освен некојси план за кој што зборува на почетокот на обвинението, обвинителството не ги товари со некое дејствије ниту Трајко Вељаноски, ниту Миле Јанакиески, ниту Спиро Ристовски.
„За што зборуваме? На кој начин е сторено терористичко загрозување? Со насилство или со уметници на протести? Тоа е она што е суштинската измена на овој обвинителен акт.“
Во судницата можеше да се слушне дека иако до вчера ги обвинуваше за организација на членството и масовноста на протестите, организирање превоз и контакт со водачите на Заедничка Македонија – од денес тоа не постои во обвинението, туку Рускоска сега „прецизира“ со една максимално непрецизна теза дека Јанакиески и Ристовски „ги организирале протестите“ и дека „воделе грижа“ за маршрутата по која ќе се одвиваат протестите во секој град во кој ги имало.
Ваквата промена на обвинителниот акт по својата методологија неодоливо потсеќа на четирите променети изјави на Александар Василевски Нинџа, чии различни верзии на настаните беа носечки столб на пресудата во првиот случај и обвинението за вториот случај за т.н. организатори.
Јавноста коментира дека Рускоска станувајќи „нинџа“ обвинител признава дека обвинението со кое притвораше и бараше затвор за луѓе до вчера и е побиено од доказите во постапката и посега по ваква промена на обвинителниот акт без прецизни дејствија со цел да се обиде да избегне ослободителна пресуда за обвинетите. Односно, знае дека обвинението не е издржано, но се обидува со промена на приказната „да го одложи крајот“ и на процесот, но можеби и на нејзината кариера, доколку се покаже дека покренала погрешно, непрецизно и лажно обвинение.





