Почнува расправата по ребалансот на буџетот

Со седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет, во Собранието од денеска, почнува расправата по ребалансот на буџетот



Клучни сегменти на предложениот ребаланс што го усвои Владата и го испрати до Собранието, според власта се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството.

Со овој ребаланс, според предлагачот, приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Останува понатаму определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.

Приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 гоидна, а што, според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.

Со предлогот Владата предвидува кратење кај повеќе буџетски корисници и тоа по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација. Овие средства ќе бидат насочени кон ставки кои се очекува да дадат поголем процент на реализација и поголема додадена вредност на економијата.

Новини во релабансот се новата потпрограма за зелен развој, нови инструменти како развојна обврзница и зелена обврзница кои ќе бидат наменети исклучиво за инвестиции и зелен развој. Предвидени се и двете мерки за воведување еколошка такса на горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, за кои Владата денеска треба да донесе одлука, а да почнат да се применуваат од 1 јули 2021 година.

„ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати најави дека ќе бидат поднесени амандмани на овој предлог, што значи дека „битката“ во парламентот помеѓу двете најголеми партии продолжува и можни се нови одложувања, блокади и тензични седници“, оценува Лидер.