Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа под наслов „Химната на с.Македонија – повеќе моноетничка отколку мултиетничка, што треба да се смени?“ изнесува свој став дека „текстот на химната на с.Македонија е целосно моноетнички, бидејќи е посветен само на македонскиот народ“.
Затоа, „се бара менување на тој текст, со цел да се одрази мултиетничкиот карактер на земјата, бидејќи „тој може да предизвика истовремено спор и со Грција и Бугарија“.
Според тврдењата на оваа информативна агенција, химната ги игнорира Албанците.
„Албанците се втора по големина етничка група во земјата, но не се појавуваат никаде во текстот на официјалната химна на земјата. Ова предизвика реакција кај Албанците и тие бараат промена на овој текст“, се вели во анализата.
„Журнал“ засега и некои други аспекти на химната на Република Македонија.
„Речиси тридеценискиот спор меѓу с.Македонија и Грција се однесуваше на името МАКЕДОНИЈА. Грчката страна не го прифаќаше и бараше од Скопје да го промени и затоа нашата земја го смени името. Тоа се надмина со Преспанскиот договор. Споменувањето на ова име Македонија во официјалниот текст на химната може да предизвика реакција на грчката страна, бидејќи, според Преспанскиот договор, ова име не може официјално да се користи за нашата земја без наставката Север (с.Македонија).“
„Текстот на химната може да се појави како дополнителен проблем во решавањето на сегашниот спор и меѓу с.Македонија и Бугарија. Како дел од недоразбирањата меѓу двете земји се наоѓаат и историски личности како што е Гоце Делчев, кој се споменува во текстот на химната. Ако се постигне конечен договор би можело да се бара промена на текстот на химната каде што се споменува оваа историска личност.“ – заклучува информативната агенција „Журнал“ во својата анализа за текстот на македонската химна.






