Фирмата „Квантум ДООЕЛ“, го доби тендерот на Министерството за внатрешни работи, за да биде посредник при изработкта на регистарските таблички за возилата во земјава. 



Според податоци кои можат да се добијат од Бизнисмрежа, сопственик на фирмта е извесен Аднан Назим, дознава „Фактор.мк. а адреса на фирмата е на улица Народен фронт во Трговскиот центар „Беверли Хилс“.

Порталот побара од МВР, одговори која е компанијата „Квантум ДООЕЛ“, дали е активна, кој е нејзин сопственик, колку време постои и колкав е нејзиниот основачки влог.

Од МВР добивме одговор дека фирмата има способност, дека ги платила сите даноци, а не е во стечај ни во ликвидација. Исто така, од МВР уверуваат дека постапката е спроведена по закон и по сите стандарди.

Министерството за внатрешни работи ја ангажираше германската компанија ЕХА Хофман која сукцесивно во наредните три години ќе треба да ги изработува регистарските таблички за моторните возила.

ЕХА Хофман е производител на регистарските таблички, додека посредникот е фирмата „Квантум Дооел“. Според договорот објавен вчера во системот за јавни набавки, тендерот чини 118 милиони денари со вклучен ДДВ.

Една алуминиумска табличка за моторно возило ќе чини 368 денари, а на истата ќе треба да биде изработена и новата назнака „NMK“ според Преспанскиот договор.

Во изминатите две децении регистерски таблички изработуваше фирмата „Раде Кончар“ од Скопје.