МВР отстранила транспаренти за грчката област “Чамерија” во Скопје

Во текот на вчерашниот ден полицијата отстранила повеќе транспаренти на албански јазик со пораката „Ја сакам Чамерија“ низ Скопје.



„Полицијата денес отстрани повеќе транспаренти на повеќе места низ Скопје, каде што овие денови се организира кампањата под наслов ‘Ја сакам Чамерија’. Кампањата има за цел потсетување на природното право на Чамите како дел на албанскиот народ на нивната територија“ – соопшти информативната агенција на албански јазик „Журнал“.

Во што се состои таа „кампања“ информираше весникот на албански јазик „Лајм“.

Откако на 8.6.2021 година пред Владата на Македонија беше одржан „протест преку изложба со порака и македонската Влада да ги осуди српскиот геноцид и терор врз Албанците во Косово, кои ги спречи НАТО“, „Лајм“ извести дека во Скопје повторно се организираат активности заради „одбележување и сеќавање на геноцид врз Албанците“ овојпат „извршен од страна на грчките шовинисти“.

Во својата информација под наслов „Скопје се сеќава на Чамерија со една недела активности’ „Лајм“ напиша дека „од 21-27 јуни годинава во Скопје се одбележува ‘Неделата на Чамите“.

„Активностите започнаа вчера со поставување знамиња во Скопската чаршија и пано со натпис ‘Ја сакам Чамерија’. Денес пред скопското Кале е отворена изложба на фотографии на поединци – Чами. Ова не е првпат Скопје да се сеќава на Чамерија. Преку документарна изложба на фотографии на поединци – Чами и други албански личности од подрачјата што се на грчка територија, како и со уметничка програма, ја одбележуваме ‘Неделата на Чамите’ – вели, покрај другото, еден од организаторите на активностите за Лајм.“

„На 27 јуни оваа година се одбележува 77-годишнината од грчкиот геноцид врз Албанците во Чамерија, бидејќи според законот овој ден во Албанија е ‘Ден на геноцидот врз Албанците во Чамерија од страна на грчките шовинисти’. Од јуни 1944 година до март 1945 година илјадници Албанци од Чамерија доживеаа остар геноцид од страна на грчките сили под команда на Наполеон Зервас, што доведе до масовна смрт на цивили, уништување, грабеж и конфискација на нивниот имот.“ – наведува на крајот од својата информација „Лајм“

Областа Чамерија населена и со Албанци, денес во состав на Грција, инаку, од поодамна во многу научни публикации и историографски студии во Албанија се означува како „составен дел“ на „Етничка“, „Природна“, или „Голема Албанија“.

Агенцијата „Журнал“ вечерва цитираше изјава на извесно лице Ердуан Даути, означен како еден од организаторите на „манифестацијата“, кој „се надева дека оваа постапка на соодветните институции, преземена иако била добиена претходна дозвола од надлежните органи за организирањето, нема да влијае врз граѓаните да не се придружат кон ‘Маршот на мирот’, што ќе се одржи во понеделник“.

Во врска со акцијата на МВР се поставува прашање: дали ова интервенирање на полицијата можеби означува дека Владата веќе согледува оти „кампањата за одбележување на геноцидот врз Чамите“ може да се сфати и како „директно брцање прсти во очите“ на Грција тоа што токму главниот град на Македонија се испраќаат пораки до соседните држави дека „нема да бидат заборавени геноцидите што тие ги извршиле врз Албанците“? Дека ваквите „сеќавања“, „протести“, „документарни изложби“ и други активности во тој контекст, вклучувајќи го и неодамнешниот „протест против српскиот геноцид во Косово“, можат да ги оптоварат дополнително ионака чувствителните односи на Македонија со Грција и Србија?

Инаку, во јануари 2017 година ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците усвоија заедничка декларација, базирана врз таканаречената „Тиранска платформа“, која, покрај другото, содржи и барање Парламентот да донесе „Резолуција за осуда на ‘геноцидот врз Албанците и во Македонија“.