Бугарија не попушти на она што претседателот Румен Радев не сакаше да го нарече меѓународен притисок и денеска на Советот на општи работи (ГАК) во Луксембург нема да ја тргне блокадата за да биде усвоена преговарачката рамка за Македонија за членство во ЕУ.
Министрите на земјите-членки го имаат проширувањето на ЕУ на дневен ред и ќе разменат ставови за процесот, но техничката бугарска влада веќе се изјасни дека нема мандат да ја менува позицијата од собраниската декларација од 2019 година и дека ветото останува.
Овој исход уште пред минатонеделната посета на Софија го најави и премиерот Зоран Заев, кој ја најави и следната дата кога може да се очекува поинаква одлука во ЕУ – 6 октомври, за кога е закажан состанок на Европскиот совет за Западен Балкан во Словенија.
Надежите на Македонија веќе се свртени кон словенечкото претседателство, кое почнува на 1 јули, откако португалското претседателство минатиот месец достави свој предлог за решение на спорот што го Софија му го наметна на Скопје и околу кој владите на двете земји се уште разговараат.
Според премиерот Заев, разговорите со техничката влада ќе продолжат и во наредниот период, а очекувањата се дека евентуалниот договор подоцна ќе биде потврден од идната политичка влада во Бугарија што се очекува во август, по изборите на 11 јули, доколку не се повтори априлската ситуација кога ниедна партија не состави парламентарнио мнозинство и влада. Слободен печат







