„Кога еден човек со своите деца се соочува со ризик од смрт или прогон, не постојат ѕидови или пандемии што можат да го одвратат од обидот да најде безбедност. Пандемијата не го сопре движењето, а не го сопреа ниту ограничувањата. Бегалците и барателите на азил можат да дадат придонес кон одржливиот развој на земјата, доколку постои солидарност и системот го дозволува тоа. Тие се луѓе како вас и мене“, вели во интервју за МИА претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри.



Во интервјуто по повод Светскиот ден на бегалците, Сендри укажува дека дури има зголемен број на лица кои се принудени да ги напуштат своите домови.

„Постои зголемување од 4 проценти на бројот на луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови, со што вкупниот број е зголемен од 79,5 милиони на крајот на 2019 година и на 82,4 милиони луѓе на крајот на 2020 година“, вели претставничката на УНХЦР.

Според Моника Сандри, движењето не запре бидејќи во светот не престанаа војните, конфликтите, прогоните и прекршувањата на човековите права.

Таа информира дека лани во Македонија имало 211 апликации за азил, додека пак бројот за оваа година досега – до крајот на мај е 25.