-Се уште чекаме премиерот Заев да ја извести Државна изборна комисија, за да ги отвори своите подрачни единици ширум Македонија, за да можат граѓаните да го дадат својот потпис. Тој тоа треба да го направи во рок од 20 дена, од денот кога е известен од претседателот на Собранието, а тоа е 28.05.2021. Штом започеме имаме законски 90 дена за собирање на 150.000 потписи. Граѓаните и родителите секојдневно прашуваат кога ќе започнеме и желни се што поскоро да се почне-вели Драгана Спасевска за Скопско ехо.
Очекувате ли опструкции при собирањето потписи, но и повлекување на дел од подржувачите на иницијативата?
– Очекуваме опструкции. Секако веќе јасно се гледа оние родители кои се активисти на владеачката партија дека се под притисок, меѓутоа има и дел од нив кои одвај чекаат да дојде моментот за да се изјаснат со потпис дека се против овој предлог закон, за кој сме свесни дека ќе ја уништи иднината на нашите деца. Дел од граѓаните се плашат бидејќи се навраќаат на минатиот референдум кој не успеа. НО! Морам да напоменам дека тоа беше тешка игра во која референдумот беше консултативен и во кој едната страна бојкотираше наместо да го повикаше своето население да гласа. Тука главна улога одигра валканата политика. За разлика од политика ние одиме на референдум за одлучување и овој пат ние граѓаните ќе одлучуваме за своите деца! Ова нема врска со било кој минат референдум и нема врска со политика. Секој еден е родител, без разлика на вера, нација и партија, и секој еден загрижен граѓанин треба да излезе на референдум за да одлучи за иднината на своите деца и идните генерации вели Спасевска во интервјуто за Скопско ехо.






