За викенд Македонците на ревакцинација во Србија

15 000 Македонци викендов ќе се ревакцинираат на Белградскиот саем и Чаир во Ниш, кои на 27 и 28 март ја примија првата доза на вакцината Астра Зенека, а продолжува и слободната вакцинација на македонските граѓани на останатите вакцинални пунктови во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.



Директорот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ, изјави дека 13 000 граѓани од регионот и Европа биле поканети во сабота и недела да се ревакцинираат на Белградскиот саем, бидејќи, како што кажа, поминаа 12 недели од првата доза.

-Ние сме добро подготвени за овој викенд. Во сабота очекуваме 8 000 граѓани од регионот и Европа, а во недела 5 000 и сите ќе бидат ревакцинирани на Белградскиот саем, изјави Бекиќ за телевизијата К1.

Во понеделник од здравствениот центар во Ниш наведоа дека од 18 до 21 јуни се очекува голема гужва, кога е терминот за повторна вакцинација на 5 700 македонски граѓани кои во март во Србија ја примија Астра Зенека, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.