Украинскиот селектор Андреј Шевченко пред натпреварот со Македонија в четврток од второто коло во групата Ц на Европското првенство во фудбал вели дека уште пред шампионатот знаеле дека ќе биде клучен за неговата репрезентација во групната фаза.
Украина треба да се ослободи од разочарувањето од примениот гол во финишот во поразот од Холандија од 3:2 на ЕП и да го пренасочи фокусот на мечот со Македонија, порача своевремено еден од најдобрите светски фудбалери.
„Многумина од момците беа празни по натпреварот со Холандија. Ќе видиме колкумина од нив ќе можат доволно да закрепнат за натпреварот против Северна Македонија“, изјави Шевченко за украинските медиуми. „Знаевме уште пред првенството дека ова ќе биде клучен меч во групната фаза“.
Некогашниот напаѓач на Динамо Киев, Милан и Челзи додава дека ќе се угледаат на начинот на кој Австрија излезе на крај со дебитантот на еврошампионатите, совладувајќи го со 3:1 на стартот во Букурешт.
„Ќе ја гледаме видеоснимката и ќе ги издвоиме сите работи што Австријците ги направија како што треба. Ни преостануваат уште два натпревара во групата и треба да ја искористиме секоја шанса“, објасни Шевченко.






