Ракометарите на Вардар, по Металург и Горење го совладаа и Мешков Брест (31-23) со што веднаш се наметнуваат за одбрана на титулата во регионалната конкуренција. Попладнево во Јане Сандански црвено црните уште од стартот влегоа во ритам со кој јасно ја најавија желбата за лесен триумф. Гостите во тој прв дел, дури и одолеваа и успеваа да одржуваат каква таква рамнотежна, па на полувреме се замина со три гола предност за македонскиот состав (17-14).
Таа делумна неизвесност и резултатска рамнотежа гостите ја одржуваа до 40. минута, кога при водство од 21-18 на Вардар, скопјани дополнително засилија. Потоа македонскиот и европски шампион комплетно доминираше постојано зголемувајќи ја предноста, за на крајот да стигне до триумф од 31-23. Најефикасен во составот на Вардар беше Вуко Борозан со 6 гола, а Иван Чупиќ запиша 5 погодоци. По четири гола постигнаа Дибиров и Кристопанс, а Стојанче Стоилов мечот го заврши со три гола. Штербик имаше осум одбрани на голот, а Милиќ три одбрани. Во тимот на Брест Мешков, Стојковиќ и Шилович постигнаа по пет погодоци.




