Зошто толкав уплав од референдуми за бегалците

Наивни се верувањата дека Ердоган ќе ги отвори границите и преку времено затворената балканска рута ќе ја преплави Европа со трите милиони сириски бегалци на турска територија.



Исто како што е наивно верувањето на пратеникот Павле Богоевски дека на Македонија не и се заканува никаква опасност од бегалци зашто по 11 години, Груевски оставил држава, каде дури ниту бегалците не сакаат да останат.

Пратеникот, во статус на Фејсбук, реагира на најавеното одржување локални референдуми во Гевгелија, Битола, Кочани, Карпош, Штип, Гази Баба, Кавадарци и Прилеп на ист ден со локалните избори, со прашање: дали општината треба да дозволи изградба на бегалски кампови на својата територија?

За Богоевски изјаснување на јавноста за едно вакво прашање било луксуз и ќе чинело по 50.000 евра во секоја опшина, а ВМРО ДПМНЕ за кој тој вели дека стои зад референдумите, тврди дека единствена причина за избраниот датум е да се избегнат дополнителни трошоци.

Побогати европски држави, на бегалското цунами во 2015-та реагираа со затворање на граници, кревање огради, со одземање на пари и вредности од бегалците (Данска). Полска, Чешка, Унгарија, Словачка се противат да преземат бегалци од камповите во Грција и Италија, зашто се плашат дека нема да можат да ги интегрираат национално и конфесионално различните во своите опшества.

Бегалците и мигрантите во грчките и италијанските кампови веројатно некаде ќе мора се се сместат и постои реален страв дека и од Македонија, како претендент за ЕУ, ќе биде побарано да покаже „хуманост“ со прифаќање на одреден број(!?) лица.

Доколку биде така, имаат ли право граѓаните да го кажат своето мислење за тоа?

Богоевски вели дека повторно ДПМНЕ се обидува да креира реален проблем од измислена закана.

Граѓаните памтат дека и за „тиранската платформа“ се тврдеше дека е измислица од „режимот“.

Реалноста е дека во светот моментално се проценува дека има над 60 милиони мигранти, а Европа по војните на Блискиот исток и „Арапска пролет“ се најде на удар на милиони очајници.