10 јуни – денеска и официјално завршува школската година која беше пропратена со низа негодувања, протести, маки со онлајн наставата, дигитализација во најава, ученици во хаос. Учениците денеска го одржаа последниот час, најголем дел пред своите компјутери наместо во училишните клупи да го слушнат ѕвончето кое го одбележува крајот на учебната 2020/2021 година. Сепак, годината заврши а уште е неизвесно дали учениците од септември ќе се вратат сите да учат со физичко присуство. Учебната година исто така започна во голема неизвесност и со задоцнување – на први октомври.
Учениците протестираа за начинот на кој ќе се полага државна матура, родителите протестираа и бараа на референдум да се одлучува за дигитализација која министерката за образование Мила Царовска буквално ја турка на сила додека голем дел од стручната фела алармира дека овој проект ќе биде загубен оти не се решени примарните проблеми во училиштата.
Опозицијата пак обвинува дека на крајот на учебната година дефинитивно може да се заклучи дека немаше дел од образованието кој не страдаше поради импровизациите на Мила Царовска.
„Оваа година Мила Царовска од позиција на министерка, кон образованието и кон учениците се однесуваше како кон експериментални глувци, при што влијаеше врз сериозното уназадување на една цела генерација на ученици. Немаше дел од образованието кој не страдаше од импровизациите на Царовска. Училишната година доцнеше цел месец заради неспособноста на Царовска. Немаше протоколи за организирање на наставата, и се стави под знак на прашалник и физичкото присуство“ вели пратеничката од редовите на ВМРО – ДПМНЕ Иванка Василевска.
Таа оцени дека лошиот модел на електронско следење на наставата, без притоа Владата да обезбеди соодветни електронски уреди за следење на наставата за децата од социјално загрозените категории остави 15.000 ученици надвор од системот. 15% од учениците не беа во можност да ја следат наставата онлајн.
„Владата трошеше пари за разни тендери и бркаше провизии за вакцини, а не смогна сили да набави 15.000 уреди за учениците од социјално загрозените слоеви, за да не го почувствуваат товарот на сиромаштијата и да им овозможи достоинствено да ја следат настават. Со тоа, оваа учебна година, Царовска протна дискриминација на мала врата. Царовска со глава во ѕид, не сакаше да го отстрани полагањето на матурата, а потоа не сакаше ниту да го исполни ветувањето, да го намали бројот на предмети за полагање на матурата. Иако учениците и родителите го кренаа гласот, Царовска дрско ги игнорираше“ додава Василевска.
Според неа врв на ароганцијата и сервилноста на Царовска е укинувањето на учебниците и дигитализација по секоја цена. „Царовска со овој можеби лукративен потег, креираше невидена дискриминација. Дополнително се отвора можност за фризирање на содржините во учебниците по историја, географија и македонски јазик, како и кога сака СДСМ. Затоа што дигитализацијата која што ја најавуваат, не се дигитални интерактивни учебници, туку обични ПДФ содржини, односно скенирани учебници“ вели пратеничката.





