„По изборите со следната бугарска влада би можело да се најде решение, со помош на земјите членки на ЕУ и без да се врши притисок на Бугарија. Балканот мора да се приклучи кон ЕУ, тоа не е проширување на Унијата, туку природно вклопување на последниот регион што остана надвор“, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов за „Слободен печат“.
Амбасадорот не очекува Македонија да попушти на бугарските барања за идентитетот и за потеклото на македонскиот јазик, бидејќи македонскиот јазик има свои корени, кои не се бугарски.
Според Зашив, Бугарија денес води неправедна „војна“ со нас, во која употребува нови средства, а тоа што не сме се договориле со Грција пред Бугарија да влезе во ЕУ, сега ни се враќа.
„Ако порано користеше воени средства, сега Бугарија сака да ја „добие“ Македонија користејќи ја својата позиција како членка на ЕУ и процедурата на одлучување со консензус. Бугарија откако ја виде разврската на спорот со Грција, очекуваше дека и таа ќе издејствува големи отстапки. Но, природата на спорот не е иста и разликите се големи.
Уште во раните деведесетти во Советот на Европа во Стразбур ми беше речено дека Македонија најтешко ќе го реши проблемот со Бугарија, која ја призна државата, но поради историски и духовни причини не го призна народот и јазикот и ќе дојде ден кога тие работи ќе бидат на дневен ред“, открива амбасадорот Зашов.







