Не цела администрација туку само 27.000 работници имаат право на К-15, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски, во изјава за „Слободен печат“
Информацијата дека од буџетот се предвидени 4 милиони евра за регрес за годишен одмор на администрацијата, предизвика негодувања во јавноста и остра рекација од опозицијата.
„Правото на регрес за годишен одмор произлегува од Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Град Скопје, општините во Град Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието. Овој договор е склучен пред да почне пандемијата и има сила на закон.
Тоа значи дека доколку не се исплати регресот, работниците може да го бараат по судски пат и тоа да ја чини државата повеќе пари“, вели Грујовски.
Премиерот вчера најави дека ќе биде исплатен регрес за годишен одмор за администрацијата:
„Оваа година одлучивме да се исплати и треба да се исплати, сме го ветиле и не само што сме го ветиле потпишан е договор. Затоа се алоцирани дополнителни 230 милиони денари за оваа намена“, рече премиерот Зоран Заев на на прес-конференција за ребалансот на буџетот.







