Спартак Нгјела, адвокат и политички аналитичар од Тирана, Албанија, во објава на својот профил на фејсбук, кој го пренесуваат медиумите на албански јазик во Македонија, тврди дека „американската политика на Западниот Балкан има за цел брзо обединување на сите Албанци во една држава“.

Според Нгјела, „сеалбанството на Западниот Балкан ќе биде успешната американска политика наспроти интересот на Русија во овој регион“. – пренесуваат информативната агенција ИНА, весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик.
Спартак Нгјела истакнува: „Меѓународната ситуација моментно е целосно во полза на Албанија и на Албанците. Ова доаѓа од големата поддршка на американската политика за Албанија и Косово, како и за сиот албански свет на Западниот Балкан. Денес се подразбира дека американската политика има една брза политичка цел: сеалбанското обединување. Сеалбанството на Западниот Балкан ќе биде успешната американска политика наспроти интересот на Русија во овој регион. Ова е она што ја разликува денес централната американска политика на Балканот.“
Овој аналитичар смета дека „моментно двете албански држави во овој регион Албанија и Косово, но и Албанците во Македонија и во Црна Гора, не се надвор од вниманието на Американците“ и укажува.
„Тоа е политички факт, кој сега го знаат Белград, Москва и Париз. Сега се гледа јасно дека тоа ги фрли во напад, но тоа е без надеж.“
Адвокатот Нгјела во својата објава на фејсбук изнесува тврдење дека „пописот покажал“ дека „Албанците во Македонија се веќе прв народ според бројноста“: „Додека процесот на селабанското обединување во меѓувреме конечно премина од Косово на Македонија, во Македонија реалниот попис на населението ги доведе Албанците на позиција како прв народ според нивната бројност, со учество од 47 проценти. Тоа беше првпат Албанците да бидат проценети во нивната бројност, но тоа е почеток, нив на тие простори ги има и повеќе. Она што го гледаме во Скопје е, всушност, една од карактеристиките на албанското национално обединување: воздигнувањето на присуството на Албанците во сите словенски држави каде што тие беа угнетувани повеќе од сто години, иако се автохтони како народ.“
Овој адвокат и аналитичар од Албанија поставува „прашање во врска со албанското национално обединување“: „Дали актуелната албанска влада го знае овој политички акцент и, ако го знае, дали ќе умее да го искористи политички во полза на албанскиот развој?“
Во својот одговор на тоа прашање тој истакнува: „Знаците покажуваат дека Владата на Албанија го знае овој факт, но и се подразбира дека нема да го употреби за развој на Албанија, но во исто време таа не им вели ‘не’ на Американците. Сета оваа голема политика што ја спроведува Вашингтон во полза на албанскиот свет на Западниот Балкан, не наоѓа многу простор во Тирана и во Приштина. Во Тирана се подразбира дека станува збор за еден вид инерција на старите антиамерикански политики.
„Меѓународната ситуација е во корист на историјата на Албанија и на Албанците. Времето доведе до тоа историјата на Албанија да се гледа низ лупата на американската политика и токму поради ова сега се оди кон реалната историја на Албанија. Албанците одат кон националното обединување.“ – заклучува Спартак Нгјела во својата објавата на својот фејсбук – профил, пренесуваат медиумите на албански јазик во Македонија.
Најчитано
Иако е осуден на 20 години затвор и чека уште пресуди
Инцидент во присуство на премиерот Заев и директорот на АМС Наумче Мојсоски https://www.expres.mk/sonceto-od-kutlesh-otstraneto-nasila-na-mech-vo-strumica-foto-video/






