Оди ли Западна Македонија со Косово и Албанија со нови Балкански граници?

Дали западниот дел на Македонија ќе се обедини со Албанија и Косово при можната нова балканска картографија?



Ова е прашањето на медиуми на албански јазик во Македонија кои информираат за потврдата, што ја доби австриската информативна агенција АПА од Советот на Европската Унија околу постоењето документ поврзан со словенечкиот нонпејпер, објавен во април годинава, со кој е навестена промена на постојните граници на Балканот.

Во своите текстови албанските медиуми во Македонија донесуваат и карта на Западниот Балкан со прикажана нова „балканска картографија“, во која западниот дел на Македонија се отцепува и се обединува со Косово и со Албанија. На таа нова карта на Балканот со извршената промена на границите територијата на Македонија дури воопшто и не е означена со Македонија, додека сите други држави се споменати со нивните имиња: Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Хрватска.

Информативната агенција ИНА и весникот на албански јазик Бота сот пишуваат: „Австриската информативна агенција АПА доби потврда од Советот на Европската Унија за постоењето документ поврзан со словенечкиот нонпејпер, во кој, меѓу другото, се зборуваше за промената на границите на Балканот. Советот на Европа нема да го објави овој документ, поврзан со словенечкиот нонпејпер, бидејќи неговото појавување во јавноста би можело да ги влоши меѓудржавните односи.“, извести босанскиот дневник ‘Oslobodjenje.“

Двата албански медиума во Македонија пренесуваат дека „Советот на Европската Унија одлучи документот да остане тајност, поради можното загрозување на јавните интереси, кои ќе уследат по неговото можно објавување.“

Медиумите на албански јазик во Македонија потсетуваат што се планира при “новото цртање на границите на Западниот Балкан со споменатиот план“: „Таму постојат три главни точки за решението за ‘Патот напред за Западниот Балкан’. Во првата точка е спомнато дека националните прашања на Србите, Албанците и Албанците не се решени.

Во втората точка се нагласени ‘идеите за решавање на проблемот’. Се тргнува со обединувањето на Косово и Албанија, според спомнатиот документ, во кој стои: ‘Во Косово 95 отсто од населението посакува обединување со народот на неговото потекло. Ситуацијата е слична и во Албанија. Границата меѓу Албанија и Косово, всушност, не постои.“

„ Чекорите што треба да следат, според спомнатиот документ, се во ‘тивка процедура’ со лидерите на регионот. Се споменува и координирање на ставовите на меѓународните лидери. Ако за овој план се согласат Европската Унија, САД и мнозинството на регионалните лидери, тогаш планот ќе треба да се иницира и да се формализира од страна на ЕУ, според документот.“ – објавуваат во завршните делови на своите извештаи албанските медиуми во Македонија.

Се актуелизираат неколку прашања, поврзано со словенечкиот нонпејпер и навестената промена на границите на Балканот. За каква „тивка процедура за чекорите што ќе следат“ станува збор? Дали е можно Македонија да се најде во ситуација идентична како во 1913 година, кога дотогаш нераспарчената етнојазична територија на македонскиот народ беше поделена меѓу Грција, Бугарија, Србија и Албанија? Каков е ставот на актуелното државно раководство на Македонија во врска со овие навестени и можни нови тектонски промени во политичката географија на Западниот Балкан?