Премиерот Зоран Заев, ги отфрли обвинувањата дека се водат тајни преговори со Бугарија, вели дека не се преговара за нов договор туку се бараат формулации за преговарачката рамка со ЕУ.
„Немаме преговори, ниту пак правиме нов договор со Бугарија, се бараат формулации за делот на преговарачката рамка што ја носи Европскиот совет, значи одлуката е таму, не се одлучува нешто во Бугарија или во с. Македонија“, вели премиерот.
Заев вели дека државниот врв е запознат со бугарската декларација но не се согласува со нејзината содржина.
Тој повтори дека предлогот на кој се разговара во европските институции билатерално помеѓу двете земји е португалскиот и оти првичните реакции од бугарска страна не се негативни.
„И од наша страна рековме дека е добра основа и да му дадеме шанса на процесот затоа што за нас е важно тоа што го сфати цела ЕУ, а гледам го сфаќа и пријателска Бугарија – македонскиот јазик и македонскиот идентитет се неприкосновени и за нив нема никакви разговори“, рече Заев.






