Информативниот портал на албански јазик „in7“ објави вест дека „поранешниот министер за здравство Имер Селмани се очекува да биде кандидатот за претседател на Градот Скопје, поддржан од Владата на Македонија и партиите од владината коалиција“.

Повикувајќи се на„извори во СДСМ на Заев“,„in7“ пишува: „Ова е изненадувањето најавено од Али Ахмети за 5 јуни. Во македонските медиуми беше објавена информација дека владините партии подготвуваат терен, за да се кандидира албански кандидат за градоначалник на Скопје. Имер Селмани се смета како име прифатливо и за македонските партии, имајќи го предвид неговиот поранешен политички багаж. Тој се кандидираше и за претседател на Македонија, и тогаш имаше добиено значителен број гласови од македонските граѓани.“
„СДСМ, ДУИ, БЕСА, Либералната партија, Партијата на Ангеловски (Достоинство) и другите мали партии во владината коалиција сметаат дека Имер Селмани е најпогоден за избор како градоначалник на Скопје“ – пишува „in7“.
Имер Селмани имаше освоено 147.547 гласови во првиот круг на претседателските избори во 2009 година, или 14,5 проценти од гласовите на вкупното бирачко тело, при што значителен број Македонци гласаа за него, покрај Албанците. Но, не успеал да добие доволен број гласови и за вториот круг на гласање на 5 Март.
Во едно интервју дадено лани Селмани го имаше оценето како „легитимен, но и тешко остварлив„ предлогот на Али Ахмети за прв премиер – Албанец на Република Македонија.






