Русија се ослободува од доларот

Русија во рок од еден месец целосно ќе го елиминира американскиот долар во структурата на Националниот фонд за богатство (ФНБ) и ќе го намали уделот на британската фунта.



Ова вчера го соопшти рускиот министер за финансии Антон Силуанов на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

„Ние, како и Централната банка, одлучивме да ги намалиме средствата на Фондот инвестирани во доларски средства. Во денешната структура, околу 35% од активата на ФНБ е во долари. Одлучивме да се повлечеме целосно од доларите и да инвестираме во еврото и во злато“, рече Силуанов пренесуваат медиуми.

Според него преминот кон новата структура на ФНБ се очекува во рок од еден месец.

Тој прецизираше дека уделот на доларот во структурата на Фондот ќе се сведе на нула, уделот на британската фунта ќе се намали од 10 на пет проценти, уделот на јапонскиот јен ќе остане на пет проценти, додека уделот на еврото ќе се зголеми од 35 на 40 проценти, на јуанот од 15 на 30 проценти, а златото на 20 проценти.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак, изјавил дека одлуката за намалување на уделот на доларот во ФНБ е донесена од владата, но дека процесот на дедоларизација е видлив со голо око, јави Спутник.