Анализа: „Република Илирида” – потрошени политичари со потрошена тема

Политикологот и новинар Џенур Исени од Скопје во својата анализа „Република ‘Илирида’ – потрошена тема“ објавена во весникот на албански јазик „Коха“ во врска со новото реафирмирање на така наречената „Република Илирида“ пишува дека „на идејата за ‘Република Илирида’ и ‘Влада на Република Илирида’, како и на промоторите на таа идеја им поминало времето“.



„Оние што сакаат да ја вратат денес во живот ‘Илирида’ се ‘луѓе неуспешни во политиката, кои самите не си веруваат на сопствените зборови и кои повеќе никој не сака да ги слуша“ – се наведува во оваа анализа, во која се поместени ставови и на други аналитичари.

Во врска со најавата на Неџат Беџети, означен како „претседател на Движењето за Илирида“, во дебатата од пред неколку дена во Тетово дека „ќе биде регистрирана политичка партија, што ќе учествува на претстојните локални избори, по што ќе биде поднесено барање за федерализирање на Македонија и за конституирање Република Илирида“, Исени во својата анализа го наведува мислењето на политичкиот аналитичар Арбен Лала: „Луѓето се слободни да основаат партии, здруженија и тн., но не со користење на националното прашање заради лични придобивки, наштетувајќи им на демократските процеси на Албанците во Македонија.Тие не треба да ги хранат луѓето со илузии дека прават големи работи. Сега мнозинството на Албанците знаат како се здобиваат правата и кој е патот до нашето обединување. Иднината на Македонија е една држава, во која Албанците ќе се чувствуваат како рамноправни и како еднакви соосновачи на државата.“

Исени се осврнува на „прогласувањето Република Илирида“ во Скопје во септември 2014 година од страна на поранешниот претседател на Партијата за демократски просперитет Невзат Халили, кој на прес-конференција пред бистата на Скендербег во Старата чаршија тогаш објави ‘Декларација’ за прогласување „Република Илирида“ со најава дека „ќе биде побарано „Парламентот итно да распише референдум за внатрешна територијална поделба на Република Македонија и за нејзино преобразување во конфедерација“.

„Тогашните аналитичари оценија дека на идејата за Илирида и на нејзините промотори им поминало времето. Заживувањето на старата идеја е оценето како однесување типично за поранешните политички ‘икони’ на радикализмот, кои во меѓувреме ги изгубија својата смисла и влијание во политиката. Тие сега сакаат да најдат начин да се вратат на политичката сцена. Седум години подоцна, денес истата идеја е реафирмирана во време кога сè уште не е познато дали ќе се деблокира почетокот на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, или само Албанија ќе го започне овој процес“ – пишува политикологот Исени.

Во заклучокот на својата анализа тој го изнесува ставот на Арбен Лала и дека „таквите идеи се неодржливи, особено кога ќе се види кои луѓе се промотори на ‘Илирида“.