Ахмети најавува слична политичка финта како идејата за Албанец премиер

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера при посетата на општина Липково најави „големо изненадување на 5 јуни 2021 година“ и промовирање „платформа и голема дебата“ во врска со „првиот албански премиер“ – извести информативната агенција на албански јазик ИНА.



„Придружуван од сета егзекутива на ДУИ, од министрите и замениците – министри и пратеници од зоната, лидерот на ДУИ Али Ахмети, меѓу другото, најави и големо изненадување, кое ќе бие објавено на 5 јуни 2021 година. Тој предизвика со тоа голема љубопитност кај граѓаните“ – пишува ИНА, цитирајќи ги следните зборови на првиот „интегративец, што ги кажа при оваа посета на Липково: „На 5-ти јуни нашето семејство повторно ќе излезе со една платформа, уште од почетокот дискутабилна, како и со голема дебата како што беше ‘Првиот албански премиер’. Во врска со оваа платформа ќе има голема дебата, но да го оставиме сево ова за 5-ти јуни.“

Во информацијата на ИНА не е наведено дека Ахмети имал кажано вчера оти платформата за „првиот албански премиер“ е поврзана со остварувањето на договорот негов и на ДУИ со Заев и со СДСМ пред крајот на мандатот на владеењето на сегашната Влада на Македонија премиерската позиција да ја преземе човек, кој ќе го одреди ДУИ.

Инаку, на 18.8.2020 година откако беше постигнат договор за создавање парламентарно меѓу СДСМ и Коалицијата „Можеме“ и ДУИ, во врска со составот и принципите на Новата Влада на Република Македонија Зоран Заев имаше изјавено дека „во последните 100 дена од мандатот ќе се повлече од премиерската позиција“: „…во тие 100 дена коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, на предлог на ДУИ, ќе го постават премиерот којшто ќе ги води последните 100 дена од редовниот мандат.“

Прес – центарот на СДСМ истиот ден ја објави „Изјавата за медиуми на претседателот на СДСМ Зоран Заев“, во која тој, покрај другото, нагласил: „…остануваме на ставот дека секој граѓанин, Македонец, Албанец или припадник на која било од помалку бројните етнички заедници, може да ја извршува која било функција во државата, вклучително и функцијата претседател на Владата на Република с.Македонија.“