Даштевски: Објавен нов тендер за терминали за отпечатоци од прсти за локалните избори

Повторениот тендер е објавен вчера, информираше претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски пред почетокот на седницата на ДИК. Првиот тендер е поништен од страна на Бирото за јавни набавки.



-Објавен е вчера, тендерот ќе заврши до крајот на овој месец и нема да има никакво одлагање (на локалните избори) бидејќи рокот е флексибилен – втората половина на октомври. Ние ќе го известиме претседателот на Собранието кога ќе бидеме подготвени, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК).

Во рамки на подготовките за локалните избори денеска ќе бидат избрани членови на Општинските изборни комисии. Сите останати постапки, како што наведе Даштевски, се во тек така што до втората половина на октомври се ќе биде подготвено за локалните избори.

На денешната седница на ДИК треба да бидат усвоени измени на одредени упатства и измени за јавни набавки и да биде извршен случаен избор на членови и нивни заменици на Општинските изборни единици за сите локални самоуправи и Градот Скопје.