Од вчера 101 нови „рамковни административци“ ќе „придонесуваат кон приказната на УЈП“, најави
Абдул – Селам Селами, заменик – директорот на Управата за јавни приходи на Република Македонија.
Селами информираше дека во оваа институција започнуваат да работат 101 административци, кои се прифатени со Рамковниот договор, согласно со„Програмата К-5“ на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Оваа информација ја објави весникот на албански јазик „Телеграфи“, пренесувајќи ја објавата на Селами на неговиот фејсбук – профил во врска со стартот на новите административци во УЈП.
„Како заменик – директор на УЈП им посакувам на сите вработени здравје, успешен почеток и добра работа во извршувањето на должностите и обврските одредени на нивното работното место. Од денес за сите овие 101 вработени се отвора нова можност за нови предизвици, да се докажат професионално и да отворат нови хоризонти во професионалниот живот. Посакувам да имаме добра соработка со сите вработени, гарантирајќи еднаков и правилен третман за сите.“ – напиша Селами на фејсбук.
Претходно, директорката на УЈП и заменик – претседател на УЈП Саља Лукаревска кон крајот на минатиот месец изјави дека таа ќе ги прими „рамковните административци“ и оти „нема да настрада како Стојко Пауновски“, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, кој одби да ги вработи „рамковните административци“, поради што и беше разрешен од Владата.
„Новите 101 вработени ќе работат во различни одделенија и сектори, бидејќи ние навистина имаме недостаток на кадар. Имаме значителен број процеси, пензионирани колеги кои ја напуштија Управата, имаме намален број на инспектори… Ќе им дадеме шанса на овие нови наши колеги да придонесат во приказната на УЈП“ – изјави Лукаревска.






