Португалскиот претседател во посета на Бугарија

Претседателот на Република Португалија, Марсело Ребело де Соуза, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Бугарија на покана од бугарскиот претседател Румен Радев.



Посетата доаѓа две седмици откако португалскиот шеф на дипломатијата и комесарот Вархеји таму и во Скопје презентираа иницијатива за деблокада на македонските евроинтеграции.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, посетата ќе почне со официјална церемонија пред црквата споменик „Св. Александар Невски“, каде бугарскиот претседател официјално ќе го пречека својот португалски гостин.

Португалскиот претседател ќе положи венец пред споменикот на Непознатиот војник во Софија.

Претседателите на Бугарија и Португалија прво ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе се одржат пленарните разговори меѓу двете официјални делегации. Напладне, претседателите Румен Радев и Де Соуза ќе одржат прес-конференција во салата на Грбот на оружјето на претседателството.