Чудесни компарации осамнаа во коментарот насловен „Македонското бебе“ на бугарскиот портал „Медијапул“, во кој авторката Теодора Димова пишува за „северномакедонски народ“, а Македонија ја споредува со Палестина и со Северна Кореја?!
„Во блиското минато Македонија е нешто како Палестина денес. Откако Палестинците се населиле на таа територија, не сакаат да признаат ништо пред тоа и ништо потоа“, констатира Димова.
„Упорното негирање на фактите денес остана речиси само во Северна Македонија и во Северна Кореја. Со таа разлика што во Северна Кореја не одрекуваат дека во минатото со Јужна Кореја биле една држава“, додава таа.
„Драмата е во тоа што Софија не може да го натера Скопје да ја сака Бугарија, а Скопје не може да ја натера Софија да не ја сака Македонија“, го цитира авторката Иван Сотиров.
„Во Скопје најчесто повторуваното обвинување кон Бугарија е дека го оспорува националниот идентитет на северномакедонскиот народ и држава“, пишува уште во коментарот за непостоечкиот етнос.






