Домен Чрнигој во седмата минута од судиското надополнување на времето го начна одличниот впечаток од првата проверка за фудбалската репрезентација на Македонија пред дебито на Европското првенство, во која одигра нерешено 1:1 со Словенија во Скопје.



Последната акција на натпреварот одигран пред десетина илјади гледачи на Националната арена „Тоше Проески“ го „поништи“ голот на Елиф Елмас за водство во 55. минута, негов трет против Словенците, вкупно седми во репрезентативниот дрес.

Во увертирата за еврошампионатот в петок на истиот терен избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе ги одмерат силите со Казахстан, меч кој исто така ќе го пропушти Енис Барди поради позитивниот тест за Ковид-19.

„Црвено-жолтите“ ќе стартуваат на ЕП на 13 јуни против Австрија во Букурешт, каде што четири дена подоцна ќе се сретнат и со Украина, а на 21 јуни во Амстердам ќе му излезат на мегдан и на еден од соорганизаторите Холандија.