„Мисирките секогаш пред избори пеат исто за Попова Шапка – ‘Мисли глобално, лажи локално!“ е насловот на колумната на
Професорот по менаџмент на државниот Универзитет во Тетово Мислим Зендели по најавата дека Владата ќе ја дава Попова Шапка на концесионери.

Зендели како уште една лага и измама на јавноста ги оценува најновите најави на премиерот Зоран Заев и министрите за економија Крешник Бекреши и за надворешни работи Бујар Османи дека е во „завршна фаза спогодбата со странски инвеститори од Обединетите Арапски Емирати а инвестање на 50 + 50 милиони евра во развојот на Попова Шапка како зимски туристички и летен голф – центар“.
„По седми пат треба да се занимаваме со анализи и стратегии, кои им се лансираат на жителите на Тетово. Штом ќе се наближат датумите на избори, на национално или локално ниво, тогаш мисирките веднаш излегуваат на врвот на ѓубривото во шталите и ја пеат нивната напамет научена песна: на Попова Шапка ќе бидат инвестирани толку милиони, дури и милијарди“ – вели Зендели во својата колумна, која ја објавува „Порталб“.

Тој им порачува на политичарите: „Добро, бе, та зарем не ви оди во умот дека во 21-виот век нештата се пишуваат, се запаметуваат! Тетовскиот гласач, Сизифот од нашето време, чекаше две децении да пристигне најновата (се надевам и последна!) ‘Студија на изведливоста’. Колку што се сеќавам, имаше три или четири такви студии за изведливоста за инвестиции на Попова Шапка, но тие никогаш не и беа предочени на јавноста, останаа тајност за неа. Сега започнува нова прикаска за вложувања на Попова Шапка.“
Во својата колумна професорот Зендели потсетува: „Беа изнесени бомбастични најави на 12.05.2012 година дека бизнисмени од Катар биле заинтересирани за модернизација на туристичкиот центар Попова Шапка според моделот на Бањско во Бугарија?! Следните измами на јавноста ги направи премиерот Груевски на крајот на 2012 година со таканаречениот ‘Мастер план’ за инвестиции на ПоповаШапка. Тој најави инвестиција од 30 милиони евра. Таксативно беа најавени инвестиции во нови скијачки патеки, нови хотели, патишта и нови паркинзи… бла, бла, бла. На 29.12.2020 Зоран Заев ја изговори следната лага дека голем број на компании светски познати компании од Катар, Швајцарија, Германија и други држави од светот покажале интерес за Попова Шапка! Оти постапката за доделување во јавно приватно партнерство се очекува да започне наскоро. Секој што сака да го истражи ова прашање на интернет ќе најде многу, многу слични ветувања.“
Авторот на колумната констатира дека политичарите кога ја измамуваат јавноста дури и не водат сметка како ќе ја излажат: „Лагите за темата во врска со која зборуваме не се привремени, тие се повторуваат и се шират како и обично за време на изборите, дури и од министер за надворешни работи. А кога станува збор за лажговци, треба да се напомене дека тие не лажат убаво ниту на организиран начин. Сеедно исто лажат. Лажат како ќе им дојде. Лажат без размислување. Дури и во еден ден еден министер ќе каже едно, а втор министер ќе рече друго за истата тема.“
„Така се доаѓа до сегашните лаги на Заев, Бектеши и Османи“ – вели Мислим Зендели: „И лага по лага доаѓаме до денешната лага: Зоран Заев и Крешник Бектеши во Скопје, а Бујар Османи во Тетово, по седми пат, повторно го промовираат проектот за заживување на Попова Шапка како ски центар. Договорот е во завршна фаза и вреди 50 + 50 милиони евра. Проектот е во согласност со Законот за јавно-приватно партнерство за концесии или стратешки инвестиции, во зависност од последната фаза на договорот. Целта е Попова Шапка да се даде по 99-годишни концесии на еден од најголемите инвеститоти во скијачки центри во Европа. Постојат многу такви бисери на измама, што се прават за време на изборите и се поврзани со Попова Шапка. Но, не вреди да се трошат време и ум на нив. Луѓето од политиката не лажат напразно. Убедливи се откако му го видоа аирот од лажењето, колку пати веќе досега.“
„Таквите не можат да планираат, не можат да градат, ниту пак можат да ја придвижат земјата напред. Нам ни преостанува да и ракоплескаме на оваа одлука за инвестирање, која ќе ја биде, или нема да ја биде!? Или да и веруваме овојпат и да очекуваме која компанија со двајца вработени, со капитал од три илјади евра и со седиште во Прага, Будимпешта, Никозија …. во Бангладеш, ќе инвестира конечно во овој центар запоставен веќе триесет години. Времето ќе покаже набргу.“ – заклучува иронично колумнистот.






