Девет текстилни работнички од Штип денес си дадоа отказ откако газдата на конфекцијата „Банк и Скот“ минатата недела најпрво ги истерал од работа, а потоа написмено од нив побарал и отштета за недоаѓањето на работа на државен празник.
Имено, иако празникот Успение на Света Богородица бил неработен ден, од девете работнички било дополнително побарано да дојдат на работа. Откако не се појавиле на работните места, ден по празникот усно им било речено дека се отпуштени. Шокот бил целосен откако тие добиле и писма во кои од секоја од нив сопственикот на конфекцијата бара по 3.295 евра отштата.
Од Здружението „Гласност“, кое ги штити правата на текстилните и кожарските работници кое ги поддржува работничките меѓу кои некои и со стаж од 15 години, велат дека досега не е е забележан случај од работници да се бара отштета за недоаѓање на работа и тоа на државен празник, објави „Телма“. Тие ги повикаа надлежните институции да преземат мерки бидејќи, во спротивно, вакви случаи би можеле да станат секојдневна практика на штета на работниците.
Работничките имале средба и со трудов инспектор, јави телевизијата, а се очекуваат заклучоци и конкретни мерки од Трудовиот инспекторат.





