Поранешниот бугарски премиер, Бојко Борисов, тврди дека не дал наредба да се прислушкуваат политичарите во земјата, оценувајќи дека тоа според него би било многу погрешно и никогаш не размислувал за тоа.



Информацијата за прислушувањето на 32 опозициски политичари дојде од потпретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, а вршителот на должност министер за внатрешни работи Бојко Рашков потврди дека Државната агенција за национална безбедност извршила такво прислушување и ги избришала доказите.

Лидерот на бугарските социјалисти Корнелија Нинова повика на откривање на сите факти за прислушувањето.

Бојко Борисов истакна дека ГЕРБ е „исклучително загрижен“ за одржувањето на предвремените парламентарни избори во Бугарија на 11 јули.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов смета дека не е формирана редовна влада во Бугарија со цел да се исполнат „валканите наредби“ на Бугарската социјалистичка партија и придружбата на претседателот Румен Радев.

Борисов вчера рече дека очекува да биде уапсен.