Заев очекува поддршка од Софија за почеток на преговори со ЕУ

Одговарајќо на новинарско прашање за односите со Бугарија премиерот Зоран Заев оцени дека комуникации со Софија постојат, а првата средба се очекува следната недела на граничниот премин по повод донација на вакцини за Ковид – 19.



Заев е во очекување претседателот Стево Пендаровски да го брифира за неговите разговори со бугарскиот претседател за време на посетата на Рим. Тој додаде дека шефот на дипломатијата Бујар Османи стапил во контакт со бугарскиот министер за надворешни работи.

„Пред два дена се слушнав со премиерот на Бугарија, Стефан Јанев и договоривме следни комуникации. Овие денови како што објави претседателот на Бугарија сепак тие го прават гестот на пријателство (донација на вакцини) , очекуваме следната недела да направиме прва средба на граничниот премин, барем како што е најавено“, рече вчера премиерот Заев.

„Конекциите постојат. Секако, уште еднаш нашата замолница и целиот наш фокус е кон Бугарија со сите нивни институции, пред се претседателот на Бугарија господинот Радев, но и премиерот Стефан Јанев, но и министерот за надворешни работи, Парламентот и сите институции се надеваме дека навистина во јуни ќе дадат поддршка да го направиме следниот чекор во интегративните процеси на Македонија“, рече премиерот Заев.